Лино Червар го одбра својот наследник!?

Тренерот на Нексе, 39-годишниот Хрвоје Хорват, е изборот на Лино Червар за негов помошник на клупата на ракометната репрезентација на Хрватска и за негов иден наследник на чело на „коцкестите“. Според хрватските медиуми, ова официјално ќе биде потврдено на прес-конференцијата во сабота за кога е најавена и официјалната промоција на Червар за нов хрватски селектор.

Хорват е поранешен ракометар на Загреб, но нема некоја позабележителна играчка кариера. Тренерската кариера ја почна на клупата на Дубрава, извесен период ја предводеше и јуниорската репрезентација на Хрватска, а од пред пет месеци е тренер на Нексе. Следна фаза за Хрвоје Хорват, според хрватските медиуми е селекторското место на клупата на Хрватска.

Лино Червар до пред четири дена беше селектор на Македонија, но го раскина четиригодишниот договор со РФМ за да ја преземе репрезентацијата на Хрватска и да ја предводи на ЕП 2018 на кое се домаќини. Но, Червар во Хрватска изгледа дека веќе подготвува терен и за своето пензионирање. Планот на челниците на Хрватскиот ракометен сојуз во договор со Червар е под менторство на Червар, да се „школува“ младиот и перспективен тренер и во скоро време тој да биде подготвен да го наследи на клупата, јавува порталот „24сата“.

Хрвоје Хорват се споменуваше и како едно од можните решенија да го наследи Червар на клупата на Металург, но за тоа се уште нема никаква потврда од Автокоманда. Оттаму засега нема ни информација дали Лино Червар ќе остане на клупата до крајот на сезоната или заедно со македонската репрезентација ќе го напушти и Металург.

Се вчитува...