Лиценцата на Ван Перси заврши кај Елмас

Веќе нема никакви дилеми, Елиф Елмас е подготвен за деби во турскиот шампионат откако доби лиценца за настап во елитното турско фудбалско друштво. Фенербахче денеска и официјално реши да го тргне Робин ван Перси од листата на лиценцирани фудбалери на „сино-жолтите“, по што лиценцата на холандскиот голгетер му беше доделена токму на македонскиот фудбалер.

Елмас дојде во Фенербахче минатото лето од редовите на Работнички, но не можеше да биде лиценциран бидејќи немаше наполнето 18 години до последниот рок за лиценцирање. Тој во изминатиот период настапуваше за младинскиот тим, но тренерот Ајкут Кочаман секогаш гласно говореше дека сериозно ќе смета на неговите услуги почнувајќи од 2018 година. Тие зборови беа претворени во дела на почетокот од годинава, откако Елмас денеска беше регистриран, со што и дефинитивно добива зелено светло за сениорско деби за Фенер во турскиот шампионат.

Што се однесува до Ван Перси, во тек се преговорите за раскин на договорот што Фенербахче го има со екс-фудбалерот на Манчестер јунајтед и Арсенал, по што тој како слободен играч би се вратил назад во Феенорд.

Фенербахче на половина од сезоната во турското првенство се наоѓа на третото место на табелата со 33 бода, три помалку од лидерот Башакшехир. Сезоната продолжува на 20 јануари, кога Фенер ќе го пречека тимот на Гезтепе.

Се вчитува...