Ливерпул не запира: По Ван Дајк – Горецка

Потписот на Вирџил ван Дајк е првиот од двата трансфери со кои челниците на Ливерпул се надеваат дека ќе ги израдуваат своите фанови во текот на оваа зима, откако германските медиуми објавија дека клубот од „Енфилд“ веќе ги договорил условите за соработка со Леон Горецка. Договорот на овој фудбалер со Шалке истекува на крајот од сезонава, па Горецка веќе во јануари ќе може да потпише преддоговор со клубот каде ќе ја продолжи својата кариера. Според весникот „Билд“, тоа ќе биде Ливерпул откако „црвените“ успеале да излезат како победници од трката во која се најдоа уште и Тотенхем, Арсенал, но и Барселона.

Германскиот весник јавува дека Јирген Клоп е главниот „виновник“ за овој трансфер, откако менаџерот на Ливерпул во меѓусебни разговори го убедил Горецка дека “Енфилд“ е вистинското место за продолжување на кариерата. Според овие информации, Горецка за својата одлука веќе ги известил своите најблиски, а истата ќе биде официјализирана во првите денови од јануари, кога ќе може да биде потпишан и преддоговорот.

Германскиот репрезентативец ќе пристигне во Ливерпул како потенцијална замена за Филипе Кутињо, кој на крајот од сезонава би требало да си замине од „Енфилд“ и да се пресели во Барселона. Горецка би станал вториот фудбалер на Шалке што како слободен играч потпишува за Ливерпул, откако во 2016 година тоа го стори и дефанзивецот Матип.

Се вчитува...