Ливерпул праќа приватен авион за Садио Мане

Ливерпул би требало да биде значително засилен за големото дерби со Челси што ќе се игра во вторник навечер откако Садио Мане стана достапен за настап по елиминацијата на Сенегал од Купот на Африкански Нации. Сенегалците по пенал рулет беа елиминирани од Камерун, а токму Мане беше еден од трагичарите не реализирајќи го својот удар од белата точка.

Јирген Клоп е свесен колкаво е значењето на брзоногиот офанзивец за играта на неговиот тим, а раководството на Ливерпул е подготвено да испрати и приватен авион за да го доведе Мане од Африка навреме за да може да игра против Челси. Англиските медиуми јавуваат дека деталите од патувањето се веќе договорени, а Мане во текот на утрешниот ден ќе пристигне во тренинг центарот „Мелвуд“ и ќе му се стави на располагање на Клоп.

Ливерпул е без победа во Премиер-лигата откако Мане замина за настап на Купот на Африкански Нации, воедно „црвените“ беа елиминирани и од Лига-купот и од ФА купот на Англија, па сега им преостанува само уште битката за што подобар пласман во Премиер-лигата, каде моментно се наоѓаат на четвртата позиција.

Сенегалскиот офанзивец сезонава настапи на 21 натпревар за Ливерпул, притоа постигнувајќи девет погодоци.

Се вчитува...