Лопетеги со дилема: Диего Коста или Мората против Македонија?

Шпанската селекција максимално сериозно се подготвува за неделното гостување во Скопје против Македонија, дуел за кој селекторот Лопетеги и неговите избраници се свесни дека немаат право на грешка бидејќи директен пласман на СП ќе има само за првопласираната селекција во групата. Пријателскиот натпревар со Колумбија заврши 2-2, но тоа беше меч на кој Лопетеги направи низа експерименти со тимот, по што сега за дуелот со Македонија „црвената фурија“ ќе настапи со своите најсилни единаесетмина.

Како што јавува весникот „Ас“, шпанскиот селектор веќе избрал десет од единаесетте фудбалери кои ќе се појават на Националната арена „Филип втори“, а единствената дилема е околу предводникот на нападот на „црвената фурија“. Диего Коста беше предвиден за стартер во Скопје, но одличниот настап на Мората во второто полувреме со Колумбија го натера Лопетеги уште еднаш добро да размисли, дали членот на Реал Мадрид заслужува да добие шанса пред голгетерот на Челси. Само за потсетување, на првиот меч во Шпанија нападот на „фуријата“ го предводеше Мората, но во тој период Диего Коста беше повреден.

Што се однесува до остатокот од тимот, Давид де Хеа ќе се најде на голот на Шпанците, а пред него ќе бидат Рамос и Пике, за кои ова ќе биде прв заеднички натпревар по препукувањата за време на последното „Ел Класико“. На бековските позиции ќе се појават Карвахал од Реал Мадрид и Жорди Алба од Барселона. Серхио Бускетс ќе ја има својата вообичаена улога како последен играч за врска, пред него играта на Шпанците ќе ја креираат Тијаго Алкантара од Баерн Минхен и Андрес Иниеста од Барселона, додека во офанзива помош на класичниот напаѓач ќе му бидат Давид Силва и Витоло.

Се вчитува...