Лукајиќ: Докузовски добро се подготви, но ние заслужено славевме

Жељко Лукајиќ излезе како победник од првото свое големо дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички, што му го донесе на српскиот стратег и првиот пехар во мак-баскетот. Тој беше презадоволен од изданието на своите избраници и покажаниот карактер во клучните моменти.

„Натпреварот беше достоен за едно финале. Можеби не беше толку убава за гледање, но имаше доста тактизирање. Имавме голем проблем со нивната извонредна пик игра на Мираковски и Чековски. Исто така голем проблем беше нивната одбрана на Крофорд, очигледно мојот колега Докузовски добро се подготвил за средбата. Се обидувавме да одговориме на сите можни начини, не успеавме да наметнеме некои наши идеи, но важно е дека одигравме како што треба во клучни моменти. Дамјан и Бојан реагираа одлично кога беше најпотребно, како и оние нереални шутеви на Соколов, но најважно е дека победивме како тим. Заслужено славиме после една многу тешка полусезона, по лошите настапи во АБА и во домашното првенство. Сега треба брзо да заборавиме на овој успех, бидејќи не очекуваат уште многу обврски во шампионатот“, изјави Лукајиќ.

Лукајиќ пристигна на клупата на МЗТ кога се наоѓаа во многу тешка ситуација, му беше потребно време да го организира тимот, но по севкупно гледаниот настап на овогодинешниот Куп, очигледно е дека полека ги доведува работите до некој ред.

„Овој трофеј може многу да ни ја крене самодовербата и да го искористиме тоа во иднина. Сметам дека конечно функционираме како тим, бидејќи во краток период се смени и тренер, дојдоа и нови играчи, па убаво е да се види дека полека почнуваме да личиме на заедница. Потребно ни беше време за тоа, а сега сме ментално појаки“, додаде српскиот стратег.

Се вчитува...