Мајами почна да му набива комплекс на шампионот

Мајами хит дефинитивно е еден од најтешките ривали за тимот на Кливленд, откако „жешките“ и вторпат во три дена успеаја да го земат скалпот на шампионот, овојпат на гостински терен со 98-106. Доколку за мечот на Флорида изговор на кавси беше неиграњето на Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг, тоа овојпат не беше случај, шампионите настапија со своите најдобри кошаркари во тимот, но сепак не успеаја да ги спречат налетите на гостинскиот состав. Како пресудна се прикажа серијата на Мајами од 5-20 во финишот од третата четвртина, со што „жашките“ стигнаа до убедливо водство од 71-89.

Кливленд го отвори последниот период од мечот со три тројки во низа, но тоа беше се што домаќините успеаја да сторат, Мајами ја консолидираше играта во одбраната и на крајот заслужено стигна до победата.Вејтерс со 29 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, пред Горан Драгиќ со 21, додека Кајри Ирвинг беше најдобар стрелец на Кливленд со 32 поени.

ЛА клиперс со фуриозна игра во нападот во второто полувреме стигна до победа над Бостон (116-102), со која клиперси остануваат во трката со Јута за четвртото место на „западот“. Откако по првите две четвртини постигнаа 43 поени, клиперси „експлодираа“ во продолжението со 73 поени, ритам што гостите од Бостон не можеа да го следат и на крајот со пораз си заминаа од Лос Анџелес.

Голден стејт стигна до победа на гостувањето против Атланта, меч во кој најефикасни кај „воините“ беа Кари и Игудала со по 24 поени.

Сан Антонио во дербито на Западната конференција славеше над Хјустон со 112-110. Леонард беше човекот на одлука, постигнувајќи дури 17 од своите 39 поени во последната четвртина, кога во одбраната беше директен чувар на Џејмс Харден и го задржа големиот ас на „ракетите“ на само еден погоден шут од поле.

Резултати НБА:

Орландо – Њујорк 105-113, Кливленд – Мајами 98-106, Филаделфија – Милвоки 98-112, Атланта – Голден стејт 111-119, Детроит – Чикаго 109-95, Шарлот – Индијана 100-88, Мемфис – Бруклин 109-122, Сан Антонио – Хјустон 112-110, Денвер – Сакраменто 108-96, Јута – Њу Орлеанс 88-83, ЛА клиперс – Бостон 116-102.

Се вчитува...