Македонските ракометарки на мегдан со Шведска

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска (18.30 ч.) во Лунд и гостува на селекцијата на Шведска во првиот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Франција, а во недела (19 ч.) во СРЦ Кале ја пречекува Србија.

Пред почетокот на новиот квалификациски циклус, македонската репрезентација одигра подготвителен турнир во Турција на кој одигра три контролни натпревар против Италија и против  А и Б репрезентацијата на домаќинот Турција. Овие три натпревари, според оценката на селекторот, Симе Симовски, се добредојдени за македонскиот состав пред првиот квалификациски циклус.

„Секој ваков турнир е добредојден, особено за репрезентации од наш ранг. Одигравме три корисни натпревари пред дуелите со Шведска и со Србија. И двата противници се фаворити на хартија, но, на терен може се да се случи. Важен е нашиот пристап, очекувам да имаме подобра игра која ќе даде резултат“ – истакнува македонскиот селектор.

За дуелот со Шведска во Лунд селекторот Симовски одбра 17 ракометари кои вчера отпатуваа во Лунд. За овој меч Симовски не ќе може да смета на искусната Мирјета Бајрамовска која отсуствува поради повреда.

Македонија и Шведска играа меѓусебе и во ланскиот бараж за пласман на ЕП 2017 во Германија. Македонија во овој дуел претрпе два порази, во Скопје резултатот беш 20-31, а во Истад, Шведска славеше со 46-27.

Покрај Шведска, Србија и Македонија, во истата квалификациска група е и селекцијата на Фарски Острови.

Се вчитува...