Македонец восхити со своето предавање на „Камп Ноу“

Шпанија е една од најуспешните фудбалски земји, но и стручњаците од оваа држава имаат што да научат од Македонија. Посебно кога е во прашање науката и примената на научните методи во врвниот спорт.

Пленарно предавање на научниот конгрес со меѓународно учество “COMPLEX SYSTEMS IN SPORT” – Linking theory and practice, на стадионот „Камп Ноу“ во Барцелона одржа проф. д-р Роберт Христовски, инаку кадар од Факултетот за физичко образование, спорт и здравке од Скопје, на тема “Unpredictability in competitive environments”.

robert hristovski 2

Христовски се обиде накусо да ги објасни целите на своето предавање и за македонската спортска јавност, пренесувајќи ги главните поенти…

robert hristovski 3

„Предавањето опфати два проблема од голем интерес за Науката за спортот и спортската практика. Првиот се однесува на улогата на дедуктивниот пристап во моделите на игри. Поконкретно, станува збор за пронаоѓање на мал број генерални принципи и нивната имплементација во вид на компјутерски модели (на пример, модели базирани на автономни агенти) од кои би можеле да се добијат основни форми на интерактивно тимско и индивидуално однесување кои се присутни во разни спортови. Оттука, со дефинирање на додатни специфични ограничувања би се одело кон создавање на се пореалистични модели чија цел не би била само статистичката предикција втемелена на индуктивниот пристап (на пример, разни модели базиранина машинско учење) туку и суштинското разбирање на динамиката на игрите. Ова би било голем пробив во спортската наука затоа што би водело кон погенерален, и следствено, поедноставен пристап кон тренингот на тактика и донесување одлуки“, вели за ЕКИПА, професорот Роберт Христовски.

robert hristovski 4

„Вториот дел од предавањето се однесуваше на тренингот на донесување одлуки. Во оваа област од посебен интерес е интензификацијата на ситуациите кои обезбедуваат постоење на поголем број на можни функционални решенија во одреден момент. Ова се ситуации кои претставуваат голем предизвик за системите на перцепција-акција кај спортистите. Истражувањата во претходните 10 години покажаа дека постојат одредени комбинации на индивидуални и средински услови кои локално ја максимизираат разновидноста на можни функционални решенија. Тренингот во ваквите зони на изобилство на одлуки придонесува за интензификацијата на процесите кои придонесуваат за рафинирање и подобрување на резолуцијата на системите одговорни за перцепција-акција. Ваквиот тренинг посебно е влијателен во завршната фаза на периодот на создавање на нови координациски структури како и целата фаза на контрола на координацијата и перцептивно-моторна калибрација. Ваквиот вид на тренажна иновација бара создавање на богати и специфични за секој спорт, околини за учење и тренинг, и следствено, постојана целосна ангажираност на стручните лица во реорганизирање на таквите околини со цел да се следи и подобрува развојот на спортистите“, објаснува Христовски, за главните теми при своето предавање на „Камп Ноу“.

Се вчитува...