Македонија без грешка за крај на 2017 – Падна и Норвешка! (ФОТО)

Репрезентацијата на Македонија онака како што посакуваше со победа на пријателскиот натпревар против Норвешка на „Филип Втори“ во Скопје ја заокружи 2017 година. Со головите на капитенот Горан Пандев во 43. минута, негов 31-ви во националниот дрес, и на дебитантот Кире Маркоски во 93. минута славевме со 2-0 (1-0) против Норвешка.

Ова е прва победа за Македонија против Норвешка во четвртиот меѓусебен дуел, по претходните едно реми (0-0 во 2009 година), и два порази (1-2 во 2009 и 0-2 во 2013 година).

Мечот на најголемиот наш стадион кој се одигра стартуваше без многу возбудувања а првите две можности беа запишани за македонската репрезентација. Најпрво во 12. минута, Алиоски продре по десната страна, шутираше откосо од околу 15 метри но топката за малку заврши над гредата од голот на Норвежаните. Во 16. минута и уште поизгледна шанса за Алиоски кој доби топка пред голот на гостите од Пандев, но во пад од само неколку метри шутираше покрај левиот дирек.

По тие две можности за Македонија, веќе во 19. минута Норвешка имаше одлична шанса да дојде до водство, но дирекот го спаси нашиот гол по шутот на Одегард. Во 24. минута и Камара се најде во одлична позиција по нафрлањето од левата страна, но од 7-8 метри пред нашиот гол шутираше непрецизно.

Во продолжението, Камара имаше уште една шанса со шут од околу 20 метри во 34. минута, но над голот на Димитриевски, за да потоа следи прекрасната акција Алиоски – Пандев, и голот за водство на Македонија во 43. минута!

Во второто полувреме Македонија почна далеку поактивно на теренот од Норвежаните. Во континуитет следеа нашите акции, за да во 56. минута следи шут од слободен удар на Енис Барди од околу 25 метри кој голманот на гостите не успеа комплетно да го смири па дефанзивците расчистуваа во корнер.

Во 74. минута следеше нова извонредна можност за 2-0. По десната страна се приби Стефан Ристовски, одлично пред голот на гостите го проигра нововлезениот Тричковски кој луцидно шутираше од неколку метри но Грујтебуст го одбрани неговиот обид.

Makedonija - Norveska

До крајот ние мудро ја одржувавме предноста, за да во 89. минута Дарко Велковски имаше одлична шанса да запише гол. Мајсторски шутираше од околу 16 метри, но гостинскиот голман Грујтебуст спаси од под самата греда исфрлајќи во корнер.

Сепак, Грујтебуст направи огромна грешка во 93. минута кога непрецизно исфрли од својот шеснаесетник, топката дојде до дебитантот Кире Маркоски кој со шут од 25 метри прецизно стрелаше во празната мрежа, за прв свој гол во националниот дрес и конечна победа од 2-0!

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР

МАКЕДОНИЈА – НОРВЕШКА 2-0 (1-0)

Национална арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 3.000. Стрелци: Пандев 43′, Маркоски 93′ (М). Ж. картони: Алиоски (М), Мелинг, Одегард, Камара, Трондсен (Н).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристевски, Зајков, Велковски, Ристовски, Барди (76′ Николов), Спировски, Радески, Трајковски (56′ Хасани), Пандев (68′ Тричковски), Алиоски (88′ Маркоски)

НОРВЕШКА: Грујтебуст, Хенриксен, Валсвик, Линс (46′ Даели), Мелик, Нордтвит, Одегард (59′ Торсби), Селнес (75′ Ел Јонуси), Сорлот, Свенсон, Камара.

Се вчитува...