Македонија со четворица спортисти на Европскиот младински олимписки фестивал во Ѓер

Од денеска па до 29. јули во Ѓер, Унгарија ќе се одржи Европскиот олимписки младински фестивал за спортисти до 18 години, на кои Македонскиот олимписки комитет ќе учествува со седумчлена делегација, од која четворица спортисти.

Македонија на овој младински собир во Ѓер ќе ја претставуваат џудист(к)ите Арбреша Реџепи, Хамза Јашари и Еди Шерифовски предводени од својот тренер Горан Мицковски, како и пливачката Ана Јаневска водена од тренерот Андреј Селезенев. Шеф на македонската делегација во Унгарија ќе биде Владимир Богоевски.

ЕМОФ е олимписки (летен и зимски) фестивал во организација на Европските олимписки комитети и се одржува под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет. Првиот летен ЕМОФ е одржан во 1991 година во Брисел (Белгија), а 1993 година следеше и првото издание на Зимскиот ЕМОФ.

Инаку, градот Ѓер има околу 130,000 жители, а за овие игри Владата на Република Унгарија одвои околу 38 милиони евра. Изградени се три нови спортски објекти, а реновирани 11 (единаесет). Отварањето на игрите ќе биде утре (23/07/2017) со почеток во 20,30 часот.

Во Ѓер ќе настапат повеќе од 3000 спортисти од 50 европски земји, кои ќе се натпреваруваат во 10 спорта, а 1200 волонтери ќе дадат соодветна помош за одличната организација на овој спортски натпревар на европските млади спортисти.

Се вчитува...