Шундовски, Брестовац, Кастратовиќ…кој е најблиску до кормилото?

По дефинитивното заминување на Лино Червар во Хрватска, се бара неговиот наследник на селекторската функција во машката ракометна репрезентација на Македонија. Бидејќи веќе на почетокот на мај на македонската селекција и претстојат завршните натпревари од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска, временскиот теснец  бара брза и ефикaсна реакција од Ракометнaта федерација на Македонија која во најскоро време треба да ги разгледа потенцијалните кандидати и да го изберат најдоброто решение.

„Ракометната федерација на Македонија ќе вложи максимални напори со цел да се задржи континуитетот на на големите натпреварувања на машките ракометни сениори и во боите на националниот дрес, заеднички да одиме во нови походи“ – стоеше во официјалното соопштение на РФМ, во кое е најавено и дека Федерација ќе формира тело за селекција на потенцијалните кандидати.

Засега од РФМ се уште нема официјална информација кој ќе прави финалната селекција, ниту пак кои се потенцијалните кандидати, но изборот ќе се базира на квалитет и на перспектива за иднина.

mk rakometari

Неофицијално во јавноста се вртат неколку тренерски имиња што би можеле во најскоро време да седнат на клупата на македонската репрезентација. Според најавите и расположението во јавноста, многу е извесно дека македонската репрезентација ќе се бори за пласман на ЕП 2018 во Хрватска под водство на мекедонски селектор. Впрочем, и најголемиот успех досега, петтото место на ЕП 2012 година, македонските ракометари го постигнаа под водство на Звонко Шундовски.

Токму најуспешниот македонски селектор, сега актуелен тренер на ЧСМ Букурешт, е еден од фаворитите повторно да ја преземе македонската репрезентација. По заминувањето од селекторската функција во 2013 година, Шундовски во изминатите четири години е тренер во Романија, прво во Констанца, а сега во ЧСМ Букурешт. Има континуитет во работата и забележителни успеси кои лани го вброија и меѓу кандидатите за селектор на Романија.

sobir reprezentacija brestovac

На клупата на македонската репрезентација постои можност да се врати и Данило Брестовац. Поранешниот македонски репрезентативец, во претходниот стручен штаб, пред „експериментот на Лино“, му беше помошник на Ивица Обрван. Брестовац остана во тандем со хрватскиот стратег и во актуелниот клупски ангажман на клупата на францускиот Шамбери.

Меѓу можните повратници на клупата се споменува и актуелниот претседател на тренерската организација, Гино Стрезовски, кој претходно на двапати беше на клупата на машката ракометна репрезентација на Македонија, а во 2012 година беше и селектор на сениорките.

Едно од најбезболните, но не и најидеални решенија е македонската репрезентација да ја преземе Илија Темелковски кој е актуелен селектор на младинската репрезентација, а во сениорскиот тим му беше помошник на Червар.

ilija temelkovski selektor rakomet mladi

Од сите тренери, Темелковски има најдолг стаж на клупата на македонската репрезентација. Како селектор ја предводеше Македoнија на СП 2009 во Хрватска, а неколку пати беше и во улога на помошник во стручниот штаб. Искуството и добрите корелации со репрезентативците се предностите на Темелковски. Но, од друга страна, проценките се дека е многу поефектно тој целосно да биде посветен на младинската репрезентација која летово ја очекува настап на СП во Алжир.

Кругот на кандидатите доколку критериумот остане тоа да биде некој кој добро ги познава играчите и приликите во македонскиот ракомет се затвора со Зоран Кастратовиќ, кој речиси две децении живее во Македонија и отпоодамна има македонски пасош. Кастратовиќ своевремено беше и селектор на женската репрезентација на Македонија, ја предводеше машката репрезентација на Црна Гора, а во краток период беше и на клупата на Вардар.

zoran kastratovic 3

Од странците во Македонија, се споменува името на тренерот на Вардар, Раул Гонзалес и на тренерот на Пелистер, Касим Каменица. Искусниот Каменица според некои информации деновиве има и најсилна „кампања“ во трката за нов селектор на Македонија со поддршка од одредени членови на стручниот штаб што го одбираше Лино Червар.

Се вчитува...