Македонските кадети шести на турнирот во Бугојно

Кадетската репрезентација на Македонија заврши на 6.место на Меѓународниот турнир во Бугојно што се одржа по петти пат под мотото „Ракометот е мојата иднина“. Во натпреварот за 5.место, македонските кадети беа убедливо поразени од селекцијата на Швајцарија со 38-20 (18-10).

Избраниците на селекторот Никола Матливески уште на стартот беа разбиени од многу посилниот и покомпактен противник. Швајцарците доминираа на теренот, а високата предност им остави простор и за егзибиции пред македонскиот гол. Одбраната немаше решение за десниот бек на швајцарската репрезентација, Михаел Кусио, кој постигна 13 гола и на крај заврши како прв стрелец на турнирот.

Во македонскиот состав најефикасен беше Крстески со шест гола. Јагуриновски додаде пет, а Петровски заврши со четири погодоци.

На турнирот во Бугојно, македонските кадети одиграа пет натпревари на кои забележаа две победи против селекциите на Бих и на Катар кои завршија на последните две позиции, и претрпеа три порази, од Полска, Словенија и од Швајцарија.

Првото место на турнирот го освои селекцијата на Словенија која во финалето беше поуспешна од Полска (23-22). Во натпреварот за 3.место, Хрватска ја победи Австрија со 42-31.

Се вчитува...