Макс Бјаџи: Никогаш повеќе нема да седнам на мотор!

Три месеци по тешката несреќа на патеката „Сагирато“, во која едвај го спаси животот, поранешниот светски првак во мотоциклизам, Макс Бјаџи одлучи повеќе да не настапува на трки. Но, не само што повеќе нема да се натпреварува, туку Бјаџи целосно се откажува од моторите.

„Верувам дека повеќе нема да седнам на мотор ни од забава. Мотоциклизмот е лудост од животот и верувам дека тоа веќе го архивирав. Вистина е дека тоа е мојата најголема страст која ми даваше емоции, либидо и радост, но тоа што ми се случи нема никогаш да го заборавам. Сега единствено ми е важно да го вратам своето здравје“ – вели Макс Бјаџи.

Италијанскиот возач падна за време на тренингот на патеката „Сагирато“ во јуни годинава и се здоби со тешки повреди на главата. Бјаџи помина еден месец во болница, по многу страв и неизвесност, успеа да се извлече и по целата таа борба одлучи дека мотоциклизмот за него е веќе завршена приказна.

Во својата долга и богата кариера Макс Бјаџи има четири шампионски титули во класата 250 кубици, а оствари и 13 победи во Мото ГП. Потоа се префрли во Супербајк во кој освои нови две титули.

Се вчитува...