Малиот Јане стигна во Манчестер, сместен во хотелот на „ѓаволите“

Јане Велковски денеска пристигна во Манчестер, каде на покана на Пол Погба ќе го следи утрешниот натпревар од Лигата на шампионите што Манчестер јунајтед на „Олд трафорд“ ќе го игра против Севилја.

Момчето кое неизмерно го сака фудбалот го привлече на себе вниманието откако беше дел од кампањата на УЕФА, „Equal Game“, по што пред неколку месеци стигна и покана од Погба лично да се запознае со него, како специјален гостин на реванш дуелот од осминафиналето во ЛШ. Французинот најверојатно поради повреда ќе го пропушти утрешниот натпревар, па големи се шансите мечот да го следи во друштво на Јане и неговото семејство.

Малиот Јане Велковски е сместен во хотелот „Лаури“ во центарот на Манчестер, познат како база на „ѓаволите“. Во овој хотел Жозе Мурињо мина повеќе од една година по преземањето на кормилото на јунајтед, а воедно и тука најтрофејниот англиски клуб ги одржува карантините пред клучните средби, како овој утрешниот со Севилја.

Јасно е, македонскиот јунак ќе има можност во живо да се сретне со најголемите ѕвезди на „црвените ѓаволи“ уште пред натпреварот, за целосно уживање во оваа авантура за големиот фудбалски вљубеник.

Се вчитува...