Малме ќе биде многу поофанзивен во Струмица: Еикрем во маневарот, Розенберг во нападот

Шведскиот првак Малме ќе се обиде со многу поофанзивен пристап да го изненади Вардар на денешниот реванш во Струмица. Швеѓаните допатуваа без позитива на овој возвратен дуел, а ремито 1-1 несомнено им наложува да постигнат најмалку еден погодок, доколку сакаат да се надеваат на пласман во третото квалификациско коло од ЛШ и дуели со ФК Копенхаген. Токму затоа, тренерот Магнус Пехрсон ќе изведе многу поофанзивен тим на теренот на реваншот против „црвено-црните“.

На голот ќе биде искусниот голман Јохан Виланд, а во одбраната треба да делуваат Тинерхолм, Нилсен, Брорсон и Јотун. Промената е во тоа што Јотун, кој е многу поофанзивен од Конате, ќе игра на позицијата лев бек, а на првиот меч играше на левата страна во средниот ред.

Во маневарот влегува Магнус Еикрем, кој беше резерва на првиот дуел во Шведска, но откако влезе во игра во вториот дел, комплетно го „размрда“ тимот на Малме. Со него ќе делуваат и Кристијансен, Левицки и Цибицки, кој на првиот меч беше префрлен во нападот. Сега ќе делува од позадина, но затоа навалната линија ќе биде засилена со капитенот и најдобар играч на шведскиот првак, Маркус Розенберг. Тој не играше на првиот меч поради повреда, а сега ќе настапи во тандем со Јо Инге Бергет.

Натпреварот меѓу Вардар и Малме ќе се одигра вечерва, со почеток во 18 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица. Вардарци имаат мала предност по првиот меч (1-1), поради погодокот постигнат на гостински терен.

Се вчитува...