„Марка“ го вброи Барди меѓу најдобрите млади голгетери во светот

Македонскиот репрезентативец Енис Барди, еден од предводниците на младата селекција до 21 година, која обезбеди пласман на ЕП во Полска, доби големо признание од еден од највлијателните спортски медиуми во Европа, шпанскиот дневен спортски весник „Марка“, кој го вброи меѓу десетте најдобри млади голгетери во светот. Барди имаше одлична полусезона во Унгарија и постигна осум гола за Ујпешт, и се бори за признанието најдобар стрелец во унгарскиот шампионат.

Барди е рангиран на шестата позиција во оваа категорија на најдобри млади голгетери во светот. „Марка“ напоменува дека иако Енис Барди е офанзивен играч за врска, тој сепак поседува одлични реализаторски способности кои го докажал со осумте гола во првиот дел од сезоната во унгарскиот шампионат. Потенцирано е дека тој е дел и од младата селекција на Македонија до 21 година, која избори пласман на ЕП.

На првата позиција се наоѓа Хенри Онјекуру, фудбалерот на Еупен, кој со 10 гола се наоѓа меѓу првите четири стрелци во белгискиот шампионат. На второто место е Димитри Оберлин од Алтах, следува фудбалерот на Ривер Плата, Себастијан Друиси, четврти е Рауно Сапинен од Флора Талин, а на петтата позиција се наоѓа Маркус Ингвартсен од Нордсјеланд.

bardi marca

Се вчитува...