Марка: Штербик во Веспрем е готова работа!

Следен во низата на ракометари кои ќе си заминат од Вардар е најзаслужниот за европската круна, голманот Арпад Штербик, кој својата кариера ќе ја продолжи во редовите на Веспрем. Преговорите меѓу унгарскиот гигант и извонредниот голман се веќе финиширани, а како што јавува весникот „Марка“, нема никакви дилеми дека Штербик на 38-годишна возраст ќе се врати во тимот од каде си замина во 2004 година.

Преговорите се завршени, речиси 100%. Единствената дилема е на колку години ќе биде договорот што Арпад ќе го потпише со Веспрем. Овој трансфер требаше да се реализира и во 2016, но тогаш Арпад реши да остане и да го испочитува договорот со Вардар, што се покажа како вистински избор бидејќи му овозможи да дојде до нова титула во Лигата на шампионите“ – изјави близок пријател на Штербик за шпанскиот весник.

„Марка“ информира дека „Арпад Велики“ веќе почнал и неколку бизниси во Унгарија, што е јасен знак дека трансферот во Веспрем е пред реализација, но и најава за неговите планови да остане да живее во оваа земја, каде има многу роднини и пријатели. Штербик во тимот на Веспрем ќе го заземе местото на Мирко Алиловиќ, чиј договор истекува на крајот од оваа сезона.

Врвниот голман е третиот важен дел од шампионскиот мозаик што летово ќе си замине од Вардар, откако тренерот Раул Гонзалес веќе го договори заминувањето во ПСЖ, а Лука Циндриќ уште минатото лето потпиша договор со Кјелце, со важност од јули 2018 година.

Се вчитува...