Марковски: Вардар дојде одморен, а ние по исцрпувачкиот меч во Кратово со ист состав до бод!

Тренерот на Скопје, Љупчо Марковски сосема очекувано не го криеше задоволството по продолжувањето на успешната резултатска серија на неговиот тим, сега по ремито (0-0) со актуелниот шампион Вардар.

Скопје продолжува со одличната пролет, врзувајќи четири бода од двата тешки натпревари…

„Навистина тежок натпревар. Ние по победата на претходниот меч во Кратово сега врзуваме два одлични резултати во два исцрпувачки натпревари за нашите фудбалери. Знаеме дека Скопје нема широк ростер на фудбалери за да можеме некого да одмориме, но навистина може да кажам дека одиграа максимално до крај. Денеска игравме против, за мене, можеби најдобрата екипа во Македонија. Овој тим кој денеска го извади Јаневски е можеби најдобриот во Македонија, притоа земајќи го и фактот дека тие беа одморени со неодиграни претходни два натпревари. Нашата идеја беше да не загубиме и успеавме во тоа. Ова е одличен резултат за нас, екипа која се бори за опстанок“ – ни изјави по мечот тренерот на Скопје, Љупчо Марковски.

Стратегот на Вардар, Чедомир Јаневски не се појави пред медиумите за изјава, со образложение дека има забрана од раководството на клубот било кој да дава изјави.

 

Се вчитува...