Мелер ќе го менува Борко Ристовски во Барселона?

Барселона е во потрага по голман што би го наследил Борко Ристовски по истекот на неговиот договор со каталонскиот гигант во 2018 година. Каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ повикувајќи се на извори од данските медиуми најавува дека Кевин Мелер ќе биде нов чувар на мрежата на Барса. Станува збор за квалитетен голман кој ја брани мрежата на Фленсбург, а добрите игри како резерва на Матијас Андерсон го препорачаа Данецот како голема желба на тренерот Чави Пасквал.

Свесни сме за интересот од Барселона за услугите на Мелер. Сепак, нема да даваме официјални изјави додека не разговараме со Кевин за целата ситуација“ – изјави директорот на Фленсбург, Дирк Шмешке.

Во таборот на Барселона се задоволни од настапите на Ристовски сезонава и затоа и воопшто не брзаат со доведување на нов голман. Договорот на Данецот со Фленсбург истекува во јуни 2018 година, исто како и оној на Ристовски со Барса, па каталонските медиуми најавуваат дека се големи шансите Мелер да го наследи Македонецот во таборот на шпанскиот шампион, каде прв голман според сите најави уште долги години ќе биде Гонзало Перез де Варгас.

Кевин Мелер е член на Фленсбург од 2014 година, кога пристигна во германскиот прволигаш од редовите на данскиот клуб ГОГ.

Се вчитува...