Мерцедес продолжува со Хамилтон и бара нов талент за наследник

Директорот на Ф1 тимот на Мерцедес, Тото Волф, потврди дека германскиот тим ја продoлжува соработката со Луис Хамилтон и дека потписот на новиот договор е само „прашање на време“ .

Актуелниот договор на Хамилтон со германскиот тим истекува на крајот на наредната сезона, но Волф истакна дека четирикратниот шампион ќе остане во болидот на Мерцедес и во наредните години.

„Луис стана важен столб во нашата екипа и нема причина да не ја прoдолжиме соработката. Преговорите, во многу позитивен тон, се во тек и само прашање на време е кога ќе го потпишеме договорот“ – изјави Волф.

И Луис Хамилтон неодамна потврди дека тоа е лесен процес и најави продолжување на одличната соработка со Мерцедес.

Покрај долгорочната соработка со Хамилтон, Волф потврди дека во Мерцедес веќе имаат утврдени планови и за во иднина и стартегија за откривање на нови талент што ќе го наследи Хамилтон по завршувањето на неговата кариера.

„Широко ги отворивме очите за да го најдеме новиот Луис Хамилтон, за четири, пет или седум години кога Луис ќе одлучи дека му е доста од Формула 1. Дури следиме и картинг и поддржуваме млад 12-годишен Италијанец и уживаме во тоа. Бараме талент без оглед каде се наоѓа“ – додава Тото Волф.

Се вчитува...