Меси ќе се жени, нема покана за Луис Енрике и за директорите на Барса

Лионел Меси на 30 јуни ќе се ожени со својата долгогодишна девојка Антонела Рокуцо, но на листата на гости на најдобриот фудбалер на денешницата го нема неговиот доскорешен тренер Луис Енрике.

Шпанските медиуми го објавија целосниот список на гости, на кој се нашле сите фудбалери на Барселона вклучувајќи го и Жерар Пике, за кого се шпекулираше дека нема да биде поканет поради недоразбирањата на неговата сопруга Шакира со невестата Антонела. Покрај Луис Енрике, Меси на својата свадба не го повикал и целокупниот стручен штаб на доскорешниот стратег, но затоа покани добиле масерите, докторите и физиотерапевтите на каталонскиот гигант.

Со ова станува јасно дека шпекулациите за недоразбирања меѓу Енрике и Меси биле „жива вистина“, а токму Аргентинецот инсистирал помошниот тренер Унзуе да не биде избран за нов тренер на каталонскиот гигант. Покрај стручниот штаб, не се повикани ниту членовите на бордот на директори на каталонците, како „порака“ поради бавните преговори за нов договор.

Воедно, Лео и Антонела одлучиле сите подароци што ќе ги добијат на свадбата да бидат дадени на фондацијата „Лионел Меси“, која се грижи за децата од социјално ранливите категории во Аргентина, но и ширум светот.

Се вчитува...