„Металците“ бркаат нов триумф: По Партизан, на ред е ФМП

Кошаркарите на МЗТ Скопје по одличната игра и победата над Партизан, денеска (18 часот) ќе атакуваат на втор триумф во АБА-лигата. „Сино-белите“ во првото гостување се среќаваат со екипата на ФМП, која во стартното коло загуби на гостувањето против фаворитот Цедевита со 74-67. Тренерот Александар Тодоров не дозволува еуфорија во редовите на македонскиот првак, свесен дека почетната победа над Партизан нема да значи ништо доколку се влезе во „црна серија“ во периодот што следи.

Очекувам тежок натпревар, како што сметам дека ќе биде секој од преостанатите 21 во АБА-лигата, без разлика дали ќе ги играме во Скопје или на гостински терен. ФМП е екипа што нема премногу звучни имиња како Партизан, но која функционира одлично како тим. Секој играч многу добро си ја знае улогата, почнувајќи од Човиќ, кој има целосна слобода во нападот, па се до огромниот Оџо, кој со својата висина го контролира рекетот“ – истакнува Тодоров.

Задачата да се надигрува со Човиќ ќе му припадне на Ерик Гарсија, американскиот плејмејкер кој одигра одлично во поголемиот дел од пресметката со Партизан.

Сезоната ја почнавме онака како што посакувавме, со победа на домашен терен над силен противник. Сега ќе се обидеме сето тоа да го надградиме со триумф во следниот меч на гостински терен. За ФМП почнавме да размислуваме веднаш по дуелот со Партизан, ја анализиравме нивната игра и дефинитивно ќе сториме се за да го изненадиме домаќинот. Се надевам дека ќе одиграме во ист стил како на петочната пресметка со Партизан“ – изјави Гарсија во пресрет на денешниот дуел.

Се вчитува...