Металург, без Червар на клупата, загуби од ППД Загреб (26-32)

Металург  на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“ загуби од ППД Загреб со 26-32 во натпреварот од 5.коло во регионалната СЕХА лига. По саботниот прв триумф во Лигата на шампионите против Спортинг, „металурзи“ не успеаја да го задржат победничкиот ритам, а ППД Загреб брзо се рехабилитира по поразот од Вардар во ЛШ и продолжениот престој во Скопје го заврши со третата победа во СЕХА. На овој натпревар на клупата на Металург го немаше тренерот Лино Червар кој поради репрезентативните обврски во Хрватска, веднаш по дуелот со Спортинг, замина во Загреб. А, во отсуство на Червар, Металург против ППД Загреб го водеше неговиот помошник Александар Јовиќ.

DAR_0847_original

„Металурзи“ добро го отворија натпреварот и по првите осум минути имаа водство од 3-1. Но, по ефикасниот старт, дозволија гостите да направат серија од 3-0 и да ја преземат иницијативата во играта. Во продолжението двете екипи се сменуваа во водство, но ни едните ни другите не успеаја да направат поголема предност. ППД Загреб прв дојде до два гола предност по мини серијата на пет минути пред крај на првиот дел кога со погодокот на Стипе Мандалиниќ поведе со 10-12. Домаќините повторно успеаја да ја анулираат позитивата на хравсткиот тим и во финишот на полувремето Дарко Димитриевски погоди  за 12-12, но ППД Загреб сепак успеа да замине со еден гол предност на полувремето со погодокот на Златко Хорват за 12-13.

Кај Металург во нападот добро функционираше бековската линија и дури 10 од вкупните 12 гола во првиот дел ги постигнаа бековите.  Но, одбраната во овој дел немаше голема поддршка од голманите со само трите одбрани на Дарко Арсиќ во прбвите 30 минути.

DAR_0832_originalХрватот Халил Јагањац беше најголемата закана по голот на ППД Загреб и го одржуваше Металург во егал на стартот од второто полувреме. Но, гостите успеаја да го задржат водство и по пет минути игра ја зголемија предноста на +3 поведувајќи со 15-18. „Металурзи“ не се предаваа и со ефикасна игра во нападот дојдоа до ново изедначување на 20-20 со погодокот на Вања Илиќ од седмерец. Сепак, немаа доволно сила за комплетен пресврт. ППД Загреб успешно ја користеше секоја шанса и сигурно чекореше кон конечниот триумф. На десет минути пред крај Јагањац намали на 25-26 и тоа беше максималниот дострел на Металург во завршницата на овој дуел. Следуваше серија на хрватскиот шампион од 5-0 и водство од 25-31  со што и дефинитивно беше решен победникот на овој дуел.Халил Јагањац беше најефикасен со седум гола во редовите на Металург, а Арсиќ имаше шест одбрани. Кај ППД Загреб, Мандалиниќ постигна осум гола, Вуглач заврши со седум гола, а Скок имаше 10 одбрани.Следниот натпревар во СЕХА лигата, Металург ќе го одигра на 18 октомври кога во Скопје гостува тимот на Горење,  а во меѓувреме на „металурзи“ им претстојат две гостувања во групната фаза од Лигата на шампионите, на 8 октомври кај Мотор Запорожје, а на 14 октомври кај Черховски медведи. 

Се вчитува...