Металург фаворитски ги пречекува Чеховски медведи

Победата на Металург против Чеховски медведи во претходното коло на гостински терен, остава простор за голем оптимизам и пред скопската пресметка на македонскиот и рускиот тим, денеска (17 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“, во натпреварот од 6.коло во групата Д од Лигата на шампионите. Младите „металурзи“ од натпревар во натпревар играат се посигурно и имаат позитивна серија во последните три натпревари во ЛШ со две победи и едно реми и очекувањата се овој тренд да продолжи и денеска.

Во последно време бележиме добри резултати во Лигата на шампионите. Се надевам дека ќе продолжиме така и на овој натпревар што ни претстои против Чеховски медведи. Ова е многу важен дуел за нас. Очекуваме тежок натпревар, но мислам дека сме добро подготвени за сите предизвици и дека ќе излеземе како победници“ – вели тренерот Александар Јовиќ кој успешно го предводи Металург во отсуството на Лино Червар посветен на селекторските обврски во Хрватска.

Успешната серија на Металург тргна со победата против Спортинг на домашен терен (28-27), по која следуваше важно реми на госувањето против фаворитот Мотор Запорожје (28-28) и гостинска победа протов Чеховски медведи (26-32) во последниот натпревар пред паузата во ЛШ поради репрезентативните активности во неделата на ЕХФ. Според најавата на официјалниот клупски сајт, кај Чеховски медведи нема измени и во Скопје ќе настапат во истиот состав што го одигра и претходниот натпревар со Металург.

Кај „металурзи“ пак, на терен се очекува да се врати капитенот Филип Кузмановски кој паузираше  неколку недели поради повреда на скочниот зглоб.

Вчера се одиграа другите два натпревари од 6.коло во групата Д. Монпелје славеше минимална победа против Спортинг (33-32), а Мотор Запорожје ја оправда фаворитската улога против Бешикташ (28-22). Монпелје е во водство на табелата со 12 бода, Мотор Запорожје е втор со осум бода, Бешикташ има пет бода, а исто толку има и Металург со натпревар помалку. На последните две позиции во групата Д се Спортинг со четири бода и Чеховски медведи без бодови по првите пет натпревари.

Се вчитува...