Металург го реши и Работник, со перфектни 5-0 оди на мегдан со Вардар

Металург продолжи со одличните настапи во ракометниот плејоф, откако тимот на Лино Червар по првите пет кола се наоѓа на чело на табелата со перфектни пет победи. По Вардар, Пелистер, Охрид и Борец, денеска пред „металурзите“ падна и тимот на Работник, кој загуби на дуелот во Автокоманда со резултат 33-27.

Битолскиот состав предводен од Андон Бошковски одлично парираше се до крајот на првото полувреме, но немаше сили да го издржи темпото и во вторите 30 минути. Бошковски зеде тајмаут при неполни пет минути игра, при резултат 2-1 за Металург откако неговиот тим два пати наивно загуби топка, а домаќините не искористија два контранапади. Советите на поранешниот помошник на Червар вродија со плод, Работник направи мини-пресврт, а потоа го одржуваше минималното водство се до крајот на полувремето пред се благодарение на одличните интервенции на својот голман Игор Арсиќ.

„Металурзите“ сепак заиграа во посакуваното темпо во финишот на полувремето, на одмор заминаа со 14-11, а потоа веќе на стартот на вториот дел уште повеќе ја зголемија позитивата и ги разрешија сите дилеми околу победникот на овој натпревар, што заврши со конечни 33-27.

Немања Обрадовиќ со шест гола беше најефикасен кај Металург, додека најдобар стрелец на натпреварот беше гостинскиот играч Филип Чурлевски со осум погодоци.

Металург со перфектни 5-0 ќе влезе во дерби дуелот со Вардар во СЦ „Јане Сандански“, меч на кој тимот на Червар ќе се обиде да остане непоразен или пак да загуби со најмногу два гола разлика, со што оваа екипа би останала во пол-позиција за титулата.

Се вчитува...