Металург на гости кај Прибак и Лазаров

Ракометарите на Металург денеска (14 ч.) му гостуваат на Бешикташ во натпреварот од 8. коло во Д групата од Лигата на шампионите. За „металурзи“ ова е второ врзано гостување, претходно неделава играа против Мешков Брест во Белорусија во рамките на регионалната СЕХА лига, а оттаму продолжија за Турција на дуелот со Бешикташ во чиј состав се двајцата македонски репрезентативци, Немања Прибак и Филип Лазаров.

По успешната октомвриска серија со три натпревари без пораз, Металург во последните четири натпревари во СЕХА и во ЛШ, го загуби победничкиот ритам. Во последниот меч во Брест, избраниците на Александар Јовиќ изгубија со 35-30 и ќе бараат рехабилитација на денешната пресметка.

„Го искористивме овој натпревар да пробаме некои елементи за дуелите од Лигата на шампионите што ни претстојат“ – истакна по натпреварот пикерот на Металург, Филип Арсеновски.

За разлика од Металург, Бешикташ во последната проверка пред денешниот дуел славеше победа против Анкараспор во првенството на Турција. Но, во натпреварите од ЛШ и турскиот шампион е во лоша серија како Mеталург со два порази во последните два натпревари на гостински терен против Спортинг и Мотор Запорожје.

Во првата меѓусебна пресметка во Скопје, Бешикташ го победи Металург со 27-31, што е мотив повеќе за „металурзи“ да се реваншираат во денешната пресметка во Турција.

По седум одиграни натпревари во групната фаза од Лигата на шампионите, Бешикташ и Металург имаат по пет бода и идентичен учинок со по две победи, едно реми и по четири порази.

Се вчитува...