Металург на крстопат – нови заминувања, решение нема…

Продолжува неизвесноста во Металург и засега на повидок нема ни конкретно решение за кризата. А, тоа најверојатно ќе значи заминување на уште неколку ракометари од составот.

„Засега нема некое конкретно решение. Се обидуваме да го сочуваме клубот. Но, состојбата е таа. Со дел од играчите 3-4 кои веќе имаат некоја алтернатива за други ангажмани ќе разговараме и најверојатно и ним ќе им дадеме раскин на договорите. Другите засега продолжуваат. Во петок кога ќе се врати газдата од пат би требало да имаме и поконкретни одговори што и како понатаму“  – вели спортскиот директор на Металург, Ванчо Димовски.

По саботниот натпревар од СЕХА лигата против Војводина, капитенот Филип Кузмановски алармираше за беспарицата и тешката состојба со која се соочуваат во Металург, со неизвесност и една плата за -4-5 месеци сезонава. Кузмановски до денеска го постави рокот до кој ракометарите ќе чекаат конкретен одговор од клубот.

Сезонава за 4-5 месеци имаме добиено само една плата. Нека се реши веќе еднаш и нека ни кажат – има ли средства и начин да функционираме нормално како клуб и како играчи или нема, па секој да си го бара патот и да си бара нов клуб. На газдата останува да одлучи и да не информира. Досега се беше ќе има во среда, па после во петок и така со недели и со месеци…До кога, вака? Оваа ситуација мора веќе еднаш да се реши“ – посочи Филип Кузмановски, денеска само додава – „Чекаме одговор од клубот, да видиме што ќе биде“

Поради кризата и наталожените долгови, на полусезоната од Металург си заминаа Дарко Арсиќ, Божо Анѓелиќ, Дарко Димитриевски и Костадин Петров. Како што стојат работите, многу извесно е дека наскоро во нова средина ќе се преселат и Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Вања Илиќ и Мартин Велковски.

Се вчитува...