Металург од загубен меч до реми против Извиѓач

Металург со многу среќа успеа да остане непоразен на гостувањето против „фенерџијата“ Извиѓач, ремизирајќи 24-24 против најслабиот тим во СЕХА-лигата сезонава. Лино Червар не го водеше тимот останувајќи во Скопја, па екипата предводена од Александар Јовиќ имаше премногу осцилации во играта. „Металурзите“ во последните петнаесетина минути прокоцкаа предност од четири гола, па се доведоа во ситуација со два погодоци во последните триесет секунди да се спасат од пораз.

Мечот беше израмнет до 4-4, кога Металург прв пат се одлепи со двата гола на Обрадовиќ за водство од 4-6. Македонскиот тим делуваше далеку поорганизирано на теренот, голманот Арсиќ нанижа неколку одбрани, па „металурзите“ поведоа со 5-9, по што го контролираа резултатот до крајот на полувремето. Избраниците на Александар Јовиќ имаа најубедливи пет гола предност (7-12), за Извиѓач во финишот од полувреме да заигра нешто подобро и на одмор да се замине со три гола разлика во корист на македонскиот претставник (10-13).

Домашните ракометари беа подобри и на стартот од второто полувреме, дополнително намалувајќи го резултатот на 14-15, но тоа беше се што Извиѓач успеа да стори на оваа средба. Металург одговори со три гола во низа на Вања Илиќ, со кои повторно беше создадена солидна предност. Сепак, тимот од Автокоманда повторно не знаеше како да ја сочува позитивата до самиот крај, овозможувајќи им на домашните играчи повторно да се вратат во средбата, израмнувајќи на 19-19 на девет минути до крајот. Грбавац погоди за водство на Извиѓач од 20-19, резултат при кој Вања Илиќ не реализираше пенал.

Одбраната воопшто не функционираше, Јовиќ се обиде и со голманска смена, но домаќините лесно реализираа крај Томовски, па на пет минути до крајот имаа и предност од 22-20. Нелоски блесна кога беше најтешко и со два гола во завршницата донесе израмнување на 22-22, a Aрсиќ по враќањето на голот одбрани два шута во серија. Нелоски промаши шут што можеше да донесе водсво на Металург, по што Грбавац беше прецизен на спротивната страна, погодувајќи за ново водство на домаќините. Металург не го искористи ниту следниот напад, по што Грбавац со својот петти гол зголеми на 24-22.

Се чинеше дека натпреварот е загубен, но најпрвин Гуглета погоди за 24-23, а потоа домаќините почетнички ја загубија топката, несфатливо и нивниот голман беше истрчан од голот, па Гуглета со гол од својата половина ги постави конечните 24-24.

Дарко Арсиќ беше најдобар поединец кај „металурзите“ со 15 успешни интервенции, додека во фазата на нападот Пешевски и Обрадовиќ беа најефикасни со по пет гола, еден повеќе од Гуглета.

Се вчитува...