Металург поразен од Нексе за крај во СЕХА

Металург со пораз од Нексе со 27-22 го заврши настапот во регионалната СЕХА лига за оваа сезона. За металурзите ова е 11 пораз во 18 одиграни натпревари сезонава по кој завршија на осмата позиција на табелата. Македонскиот вицешампион на гостувањето во Нашице настапи во ослабен состав без капитенот Филип Кузмановски и без Александар Гуглета што дополнително им ја отежна работата во дуелот со Нексе. Хрватскиот вицешампион во поголемиот дел од натпреварот беше во водство, а сигурниот финиш на крај им донесе и убедлива победа и седмо место во конечниот поредок на табелата во регуларниот дел од сезоната во СЕХА лигата.

Во изнедаченото прво полувреме, домаќините во поголемиот дел имаа предност и контрола на играта. Со два погодоци на Ведран Зрниќ, Нексе направи мини серија и поведе со 4-2 во 9.минута од натпреварот и одржуваше позитива во наредните десетина минути. Металург изедначи на 8-8 со погодокот на Мартин Велковски. Но, избраниците на Лино Червар потоа повторно бркаа резултат се до финишот на полувремето кога со серија од 3-0 дојдоа до минимална предност од 10-11.Домаќините сепак, успеаја со погодок да го завршат последниот напад и првиот дел заврши со резултат 11-11.

Изендачената игра продолжи и на стартот на второто полувреме во кое двете екипи се сменуваа во минимално водство до 9.минута, кога Нексе прв пат дојде на +2 поведувајќи со 17-15, а потоа Иван Сршен поентираше на празниот гол на Металург и го зголеми водството на домаќините на 18-15. „Сините“ се обидуваа да се вратат во ритам, но како што одминуваше времето се потешко доаѓаа до реализација, а  Нексе играше се посигурно, погодуваше и со играч помалку и ја одржуваше предноста. Дарко Арсиќ со неколку сигурни интервенциина голот на Металург го спречи Нексе да дојде и до поголема разлика, но во нападот „металурзи“ не беа на вистинското ниво за да ја анулираат негативата и да направат пресврт во мечот. Во последните пет минути комплетно беше скршен отпорот на Металург. Избраниците на Червар влегуваа од грешка во грешка, а Нексе занеше да го казни и на крај славеше заслужена победа.

Никола Костески, Мартин Велковски, Немања Обрадовиќ и Вања Илиќ постигнаа по четири гола за Металург, а Дарко Арсиќ го заврши натпреварот со 13 однбрани. Кај Нексе нападот го предводеа Иван Сршен и Давид Шпилер со по шест гола, а голманот Перица Лелиќ запиша 14 одбрани.

Металург по завршувањето на настапот во СЕХА лигата останува во Хрватска. Во наредните десет дена „металурзи“ ќе бидат на подготовки во Пореч каде ќе ја темпираат формата пред настапот во суперлигашкиот плеј-оф и во завршницата од Купот на Македонија.

Се вчитува...