Металург поуспешен од Пролет на стартот од плеј-офот

Металург славше победа против Пролет со 35-26 во првиот натпревар од разигрувањето за титулата во машката ракометна Супер лига. Со вечерашниот дуел во Автокоманда стартуваше годинашниот суперлигашки плеј-оф во кој Вардар и Металург им се приклучуваат на четирите најуспешни екипи во регуларниот дел од сезоната – Пелистер, Еурофарм Работник, Пролет и Охрид.

„Металурзи“ ја оправдаа фаворитската улога во дуелот со Пролет. Од почеток до крај имаа контрола на играта и на резултатот и очекувано стигнаа до првите бодови во годинашниот плеј-оф. Домаќините стартуваа супериорно и на средината од првиот дел имаа водство од 10-4.  Но, брзото убедливо водство донесе и мало опуштање во продолжението. Гостите го искористија тоа и со серија од 4-0 намалија на 10-8.

Сепак, искуството и квалитетот беше на страната на Металург. Неколку успешни одбрани на Мартин Томовски отворија шанса за серија лесни голови на „металурзи“ и ново убедливо водство од 17-11 на крајот од првото полувреме.

Доминацијата на Металург во исто темпо продолжи и во второто полувреме во кое домаќините рутински одржуваа сигурна предност од 6-7 гола. Александар Јовиќ во вториот дел им даде шанса и на помладите играчи во тимот кои добро одговорија на задачата и ја одржуваа сигурната позитива до крај.

Капитенот Филип Кузмановски го предводеше Металург со седум гола, по пет погодоци постигнаа Жарко Пешевски и Халил Јагањац, а Мартин Томовски го заврши натпреварот со десет одбрани. Кај Пролет најефикасни беа Мартин Манасков со седум и Иван Џонов со пет гола.

Се вчитува...