Металург реди порази во ЛШ – Бешикташ пак кобен

Металург го претрпе и третиот пораз во низа во Лигата на шампионите, овојпат на гостински терен против Бешикташ со резултат 32-29. Македонскиот претставник се надеваше на реванш за неочекуваниот прв пораз во Скопје, но и покрај одличното прво полувреме „металурзите“ сепак не успеаја да ја прекинат серијата слаби резултати.

Металург ја почна средбата токму онака како што посакуваше македонскиот вицепрвак, со беспрекорна игра во нападот контролирајќи го резултатот. За само десетина минути избраниците на Јовиќ поведоа со три гола (2-5), разлика што умешно ја чуваа речиси цело полувреме. Во еден момент Металург стигна и до „плус четири“ (8-12, па 10-14), за Бешикташ сепак подобро да го заврши полувремето и да ја преполови разликата (13-15).

Добриот финиш на Бешикташ беше и најава за фуриозен старт на второто полувреме, па турскиот шампион експресно го сврте резултатот во своја полза. Јовиќ зеде тајмаут при водство на противникот од 21-19, Металург експресно израмни на 21-21, но веднаш потоа следеа четири гола во низа за турскиот првак. „Металурзите“ не се предадоа, во неколку наврати стигнаа до „минус еден“, но Доне и Прибак постигнаа погодоци во клучни моменти и не дозволија целосен камбек. Последната можност за пресврт Металург ја пропушти на пет минути до крајот, кога Токиќ не реализираше зицер од контранапад при 29-27. Бешикташ го казни тоа и набрзина поведе со 31-27, „металурзите“ стигнаа до 31-29 и напад на една минута до крајот, но промашија уште еден зицер и го загубија овој натпревар.

Филип Кузмановски со седум гола беше најефикасен кај македонскиот тим, пред Петров и Анѓелиќ со по четири погодоци. Немања Прибак постигна четири, а Филип Лазаров два погодоци за Бешикташ.

Се вчитува...