Металург со победа ја заврши 2017 година

Ракометарите на Металург попладнево славеа на дуелот против Динамо Панчево со убедливи 33-25, за својата четврта победа во СЕХА-лигата оваа натпреварувачка сезона. Како што можеше и да се очекува, „металурзите“ немаа проблеми против најслабиот тим во регионалното натпреварување, доминираа во текот на сите 60 минути и со убедлив триумф ја заокружија оваа 2017 година.

Прашањето на победникот беше решено за само десетина минути игра, колку што му беше потребно на македонскиот вицешампион за да поведе со 7-3, па потоа до крајот на полувремето да ја зголемува оваа предност. Двата тима инсистираа на брза игра, во неа подобро се снајдоа „металурзите“, па така македонскиот претставник на одмор замина со убедливи 22-13 иако неговите голмани имаа само две интервенции за 30 минути игра (по една Арсиќ и Томовски).

Остатокот беше само рутина за избраниците на Александар Јовиќ, кои без проблеми ја одржуваа предноста до самиот крај и конечните 33-25.

Јагањац беше прв стрелец со десет гола (осум во првото полувреме), Кузмановски постигна седум погодоци, додека Мартин Томовски го заврши мечот со осум успешни интервенции.

Се вчитува...