Металург во Монпелје ја отвора новата сезона во ЛШ

Металург денеска стартуваат во новата, вкупно деветта, а седма последователна сезона во Лигата шампионите. Во првиот натпревар во групата Д, сините од Автокоманда денеска (17.30 часот) му гостуваат на Монпелје.

Лино Червар и оваа сезона има подмладен состав со дури девет нови играчи и предизвик да докаже дека „металурзи“ можат успешно да се носат и со поискусните и со посилните противници. Целата е да се повтори ланскиот успех кога Металург заврши на третото место во групата со пет победи и пет порази во групната фаза од ЛШ, или „сините“ сезонава да отидат и чекор понапред доколку им се пружи шанса.

„На сите ќе им покажеме дека заслужуваме да бидеме дел од Лигата на шампионите“ – оптимистички најави капитенот на Металург, Филип Кузмановски.

Нашите млади играчи можат да соберат поголемо интернационално искуство во Лигата на шампионите и ќе им дадеме доволно време да го покажат својот огромен талент. Имаме еден од најмладите состави на највисоко европско ниво на натпреварување “- истакнува тренерот на Металург, Лино Червар.

Првиот и воедно најтешкиот тест „металурзи“ ќе го имаат денеска  на гостувањето во Франција, против тимот на Монпелје кој минатата сезона два пати го победи Металург во групната фаза, и на домашен и на гостински терен

Францускиот вицешампион важи за прв фаворит во групата Д. Лани францускиот тим направи вистински подвиг и стигна до четвртфиналето, елиминирајќи го патем, бранителот на титулата, Кјелце. Во однос на ланскиот состав, Монпелје остана без словенечкиот десен бек, Јуре Доленец, кој се пресели во Барселона, а како ново засилување на оваа позиција го доби францускиот репрезентативец Мелвин Ричардсон од тимот на Шамбери.

Тренерот Патрис Канаје за кого ова е рекордна 23-та сезона на клупата на Монпелје, има јасно поставена цел и за претстојната сезона. Целта е Монпелје повторно да стигне до европско четвртфинале, а можеби, и чекор подалеку.

„Прво, мора да завршиме на првото или на второто место во групата. Најопасен противник е Мотор Запорожје, но ние мора да бидеме подготвени за секој меч во групата“ – вели Патрис Канаје.

Во генералната проверка пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите, Металург фати победнички ритам со двете победи во серија во регионалната СЕХА лига против Динамо Панчево (20-25) на гостински терен и дома проти Нексе (29-22). Во победнички ритам ги пречекува и тимот Монпелје кој во првиот натпревар од францускиот шампионат славеше убедлива победа против Шамбери со 29-18.

Се вчитува...