Милан бара решение, ќе мора да ги позајмува скапите засилувања

Раководството на Милан се наоѓа во крајно незавидна ситуација поради неможноста да ги исполни правилата на УЕФА околу финансискиот фер-плеј. Токму затоа, „росонерите“ планираат да се разделат од двете скапо платени засилувања од летниот преоден рок, се со цел да го намалат барем буџетот за плати како основен трошок до крајот на сезонава, но и да не се дозволи пад на нивната вредност на пазарот, што би се случило ако продолжат да ја греат клупата.

Станува збор за Андре Силва и Хакан Чаланоглу, двајца фудбалери кои не беа стандардни кај Винченцо Монтела, а на кои сериозно не смета ниту новиот тренер Џенаро Гатузо. „Росонерите“ стравуваат дека седење на клупата ќе значи и дополнително намалување на нивната цена, па затоа би ги испратиле на позајмица во тимови каде би играле постандардно, со опција на крајот од сезонава и да заработат на нив.

Силва пристигна од Порто за сума од 38 милиони евра и досега постигна осум гола во Лигата на Европа (заедно со квалификациите), но Португалецот се уште е без погодок во Серија А. За Чаланоглу беа платени околу 25 милиони еврра, турскиот плејмејкер остана во сенка на Бонавентура и кај новиот тренер, па „росонерите“ се подготвени да ги разгледуваат сите понуди што ќе пристигнат за неговите услуги, пред се за шестмесечна позајмица.

За Силва постои интерес од неколку англиски премиерлигаши, додека Чаланоглу го посакуваат и Фенербахче и Бешикташ, па останува да се види дали овие двајца фудбалери ќе си заминат од „Сан Сиро“ по неполна сезона, без вистинска шанса за докажување.

Се вчитува...