Милевски: Сефери ни потврди дека ќе игра, но сега го нема никаде

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски ги објави денеска двата списоци за пријателските натпревари со Црна Гора (24. март) и со Бугарија (28. март).

На списокот за тест дуелот против Црна Гора, на кој се фудбалери за кои треба да се смета за следниот квалификациски циклус, е и членот на швајцарски Јанг Бојс, Таулант Сефери кој претходно во неколку наврати потенцираше дека сака да игра за младата селекција на Албанија, но сега го има и на списокот на Благоја Милевски.

„Јас првично пред еден месец добив потврда од Сефери дека ќе игра за Македонија и затоа е на списокот, но последниве денови воопшто не можеме да стапиме во контакт со него и јас и менаџерот на младата селекција. Немаме потврдна информација дали ќе се приклучи на подготовките, но ние секако не можеме предвреме да се откажуваме така лесно од фудбалери, со оглед на тоа што и немаме некој премногу голем избор“ – истакна Милевски на денешната прес-конференција, дополнувајќи дека и двата теста ќе бидат добра проверка за актуелната форма и потенцијал на репрезентација.

„За жал не бев во можност да го повикам Калвин Н`Сомбо поради фактот што нема клупски ангажман во моментов, сенадевам дека во блиска иднина ќе го реши својот статус и повторно ќе биде во конкуренција за репрезентативен настап“ – додаде предводникот на Македонија до 21 година.

Четири дена подоцна против Бугарија ќе настапат играчите што ќе настапат на ЕП во Полска, на кои ќе им се приклучат и неколкумина од А репрезентатацијата.

„На вториот натпревар против Бугарија ќе сметаме на фудбалерите кои го изборија пласманот на ЕП во Полска надополнети со неколкумина од репрезентацијата која ја подготвуваме за следните квалификации. Ова ќе биде можеби и последен тест пред Европското првенство и затоа сите треба максимално сериозно да ја сфатиме задачата и на овој натпревар да одиграме на нивото од квалификациите и да го задржиме односот кон македонскиот дрес нешто што ја краси оваа селекција“ – истакна Милевски.

За време на собирот на нашите репрезентативци, на 19. март од 14 часот ќе има и отворен ден на комплексот на ФФМ за сите фанови на нашата репрезентација, за дружба со македонските репрезентативци.

Се вчитува...