Мино Раиола не запира, го „лапна“ и Марко Верати

Мино Раиола дефинитивно владее на фудбалскиот пазар, откако на листата на мегаѕвезди што ги застапува по Ибрахимовиќ, Погба, Донарума, Мхитаријан… од денеска го додаде и Марко Верати. Италијанскиот ас досега соработуваше со агентот Донато ди Кампли, но се реши за промена откако тој отворено ги критикуваше челниците на ПСЖ, истакнувајќи дека „Верати е во затвор од еден катарски шеик“. Плејмејкерот потоа јавно се извини за изјавите на својот агент, за вечерва да обелодени дека повеќе не соработува со Ди Кампли, туку со Раиола.

Од овој момент Мино Раиола е единствениот менаџер кој ги застапува моите интереси. Му благодарам на Ди Кампли за се што стори за мене досега“ – напиша Верати на своите профили на социјалните мрежи.

Француските медиуми го коментираат ваквиот потег на италијанскиот ас како негов последен обид да се избори за заминување од ПСЖ. Раиола важи за моќен и влијателен агент кој сигурно има подобри врски со раководството на „светците“, па останува да се види дали тој ќе успее да издејствува реализација на трансферот во Барселона, нешто што Верати го посакува од самиот почеток на преодниот рок.

Во меѓувреме, се шпекулира дека во трката би можел да се вклучи и Манчестер јунајтед, поради одличните односи на англискиот гигант со Раиола, кој веќе ги однесе на „Олд трафорд“ Погба, Мхитаријан и Ибрахимовиќ.

Се вчитува...