Мираковски: Во незгоден момент го претрпевме првиот пораз

Плејмејкерот на Работнички, Димитар Мираковски беше избран за најдобар стрелец на Купот на Македонија, но вели дека индивидуалната награда не може да го утеши кога неговиот тим го загуби посакуваниот трофеј. Работнички пред ова финале беше единствената непоразена екипа ако се сметаат првенствените и куп мечевите, а Мираковски вели дека првиот пораз доаѓа во незгоден момент.

„Индивидуалната награда за мене не е утеха, ништо не е важно кога ќе загубиш во финале. Сметам дека отсуството на Гинјард се покажа дека е најважниот фактор по овој пораз. Добивме уште поголеми проблеми со личните грешки на Крстевски и Николовски, потоа промашивме неколку отворени шутеви кога се кршеше резултатот. МЗТ погодија неколку тешки шутеви преку рака, а ние во клучните моменти не можевме да го одржиме ритамот. Првиот пораз го претрпевме во незгоден момент, во финале, меѓутоа сезоната допрва почнува, можеби е мала утеха што ни следуваат натпревари со полесни противници, а формата ќе ја градиме преку потешките пресметки“, истакна Мираковски.

Се вчитува...