Митревски: Кој може да слави во Скопје пред 7.000 Македонци?

Никола Митревски не беше дел од тимот на гостувањето против Украина, но селекторот Гонзалес сепак реши да го врати одличниот чувар на мрежата во составот за денешниот решавачки натпревар против соодветната селекција на Чешка. Во ситуација кога ракометарите се изморени по напорните клупски сезони, Митревски сепак е убеден дека Македонија ќе најде сили за уште еден беспрекорен домашен натпревар, на кој победа значи и освојување на првото место во групата.

Нема дилеми дека одиме на победа. Истото беше случај и против Украина, но овојпат играме на домашен терен и тоа менува многу работи. Мое мислење е дека никој не може да слави против нас пред 7.000 Македонци, во фантастична спортска атмосфера што ни дава крилја. Секако дека и вечерва ќе ни биде потребна помош од публиката, не се сомневам дека навивачите ќе бидат на висина на задачата, за на крајот заедно да се радуваме“ – изјави Митревски во пресрет на вечерашниот натпревар.

Дуелот со Чешка се игра во „ВИП Арена“ со почеток во 20.45 часот, нашата селекција со победа го осигурува првото место (и нешто полесен ждреб на ЕП), со реми исто така стигнува до билет на Европското првенство, како второпласирана или најдобро третопласирана репрезентација во овие квалификации.

Се вчитува...