Митревски: Задоволни сме, но цврсто стоиме на земја

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Како што стои смирено на голот, Никола Митревски исто така смирено ги сумира и впечатоците по првите два натпревари на македонската репрезентација на ЕП во Хрватска. Двете стартни победи, остават простор мирно и со самодоверба да се одигра следниот дуел со Германија, а потоа да се мисли на противниците што ја чекаат Македонија во вториот круг во Вараждин.

За она што се подготвувавме пред почетокот на ЕП за овие два натпревари го исполнивме. И на двата меча беше неизвено до крај, но кога ќе се добијат два натпревари, расте нивото на самодоверба што е многу значајно за понатамошниот тек на првенството“ – вели голманот на македонската репрезентација.

Искуството во составот и сигурната рака на Раул Гонзалес од клупата си го прават своето. Задоволството од победите е големо, но ракометарите остануваат со ладни глави.

Сите сме уште цврсто на земја, задоволни сме, но не „летнавме“ по овие две победи. Знаеме што ни претстои сега. Прво Германија, и потоа уште три исто така исклучително тешки дуели во втората фаза во Вараждин. Се надевам дека успешно ќе одговориме на тоа што не очекува“ – истакнува Никола Митревски.

Македонија и Германија се сигурни патници во втората фаза на ЕП од нашата група Ц, третиот ќе биде решен во директниот дуел меѓу Словенија и Црна Гора. Во втората фаза продолжуваме во Вараждин и вкрстуваме со првите три селекции од Групата Д. Таму сигурен пласман во вториот круг имаат Шпанија и Данска, а за последното место се борат Чешка и Унгарија.

Се вчитува...