МКФ ги прифати условите: Дербито во „Градски парк“, Сити парк бојс на трибина

Вечното дерби на македонската кошарка меѓу Работнички и МЗТ Скопје ќе се игра како што беше однапред предвидено, во салата „Градски парк“ во Скопје, откако МКФ ги прифати понудените мерки од раководството на Работнички за засилена безбедност на овој натпревар. Само за потсетување, Комесарот за натпреварување Владимир Цветковски на само неколку дена пред дербито писмено го известил Работнички дека нема да може да ја користи целата сала, односно трибината на која вообичаено се наоѓаат „Сити парк бојс“ треба да биде празна.

Ваквата одлука предизвика бурни реакции, но на помалку од 24 часа пред почетокот на дербито конечно страстите се смируваат откако од страна на МКФ и Цветковски е прифатен предлогот на Работнички за засилени мерки за безбедност, или конкретно:

„Нашиот клуб во согласност со управата го нуди следново решение: – Трибината спроти играчите (А Трибина) да биде со 20 редари кои ќе бидат во првиот ред; – На навивачката трибина присутните да бидат еден ред погоре и притоа ќе има доволно редари кои ќе одржуваат максимална безбедност; – На трибината над играчите (Б Трибина) да биде до пола затворена, до вториот столб. Се надеваме дека нашите предлози ќе бидат прифатени и дека вечното дерби ќе помине во максимална спортска и фер атмосфера“.

Најтрофејниот македонски клуб вечерва преку допис бил известен дека натпреварот ќе се игр во предвидениот термин од 18 часот во салата „Градски парк“, на навивачката трибина ќе можат да бидат присутни популарните „Сити парк бојс“ (со редарска служба пред нив), но исто така е потенцирано и дека доколку дојде до било каков инцидент, делегатот и првиот судија се должни да постапат согласно пропозициите, односно ќе дојде до прекин и празнење на салата.

Се вчитува...