МКФ со последна опомена за Димитријевиќ

Македонската кошаркарска репрезентација се наоѓа на подготовките во Маврово, а дел од националниот тим не е еден од оние кои треба да се предводници на „новата генерација“ – Ненад Димитријевиќ. Младиот кошаркар на Хувентуд се најде на списокот на селекторот Јорданчо Давитков, но одбил да се стави на располагање со образложение дека сака да се насочи кон клупската кариера.

Националниот дрес не се носи ниту за Пеце, ниту за Моника или за било кој од федерацијата, туку се носи за својата држава. Во моментов имаме реален проблем со Ненад Димитријевиќ, кој беше повикан регуларно и во М20 репрезентацијата, како и во сениорскиот состав како еден од најдобрите млади играчи кои ги имаме во моментов. Не се појави ниту во едната, ниту во другата селекција, за таквото однесување нема оправдување. Јас лично разговарав со него, тој ми рече дека дава приоритет на својата лична кошаркарска кариера, му одговорив дека тоа е недозволиво бидејќи има доволно време пред него во кариерата. Згора на тоа, наш став е дека евентуалниот настап за сениорската репрезентација ќе му помогнеше уште повеќе да се изгради и да напредува. Доколку беше преангажиран за двете селекции можевме да разговараме да биде ослободен од едната, но ваквиот однос е недозволив“ – изјави Генералниот секретар при МКФ, Моника Гавриловска, за ЕКИПА.

Македонската Кошаркарска Федерација упатила и писма до клубот на Димитријевиќ, Хувентуд, како и до Шпанската Кошаркарска Федерација, како последна можност за смирување на страстите пред да се преземат подрастични мерки – барање за суспензија на кошаркарот како што тоа лани беше случај со Перо Антиќ и со Предраг Самарџиски.

Пративме уште едно предупредувачко писмо до Кошаркарската Федерација на Шпанија и до клубот Хувентуд, па останува да видиме што ќе се случува во следните денови. Ако ситуацијата не се промени, дефинитивно ќе следи барање за суспензија бидејќи мораме да ставиме до знаење како федерација дека кошаркарите мораат да бидат посериозни кога станува збор за националниот тим“ – децидна е Гавриловска.

Се вчитува...