Младите на последен тест пред Полска: Против Бугарите за продолжување на победничката низа

Младата репрезентација на Македонија за играчи до 21 година, денеска од 14 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ против Бугарија ќе го има веројатно последниот контролен натпревар во пресрет на Европското првенство кое не очекува во јуни во Полска.

Согласно програмата за подготовки, иако оставена можноста за евентуално уште еден тест дуел, сепак ова најверојатно ќе биде последната контрола пред континенталниот шампионат.

Со вклучени сите сили на кои ќе се смета за Полска, со исклучок на повредениот Енис Барди, селекторот Благоја Милевски посакува нов квалитетен натпревар од своите избраници, како потврда на се досега сработено…

„И претходно кажав дека за нас секој натпревар е важен, без разлика од каков карактер е. Така ќе биде и против Бугарија, на кој секако шанса ќе добијат повеќе фудбалери, но желбата е да се продолжи со досегашните изданија“ – вели Милевски.

mkd u21 trening 3

Капитенот Бобан Николов смета дека и на натпреварот против Бугарија, нашата репрезентација ќе ја повтори својата вредност.

„Без разлика што е пријателски, овој натпревар е многу важен за нас затоа што ова е веројатно последниот подготвителен меч пред Европското првенство во Полска. Одиме на победа, ние сме меѓу најдобрите 12 репрезентации во Европа и повтороно ќе се обидеме да ја покажеме нашата вредност. Го оставаме зад нас натпреварот против Лихтенштајн и се фокусираме на Бугарија. Се надевам дека и публиката ќе не бодри како и досега и ќе биде наш играч повеќе“вели Бобан Николов.

Ова е последна можност за љубителите на фудбалот од Македонија на дело во нашава земја да го проследат настапот на хероите кои не одведоа на ЕП. Цената на билетите за денешниот натпревар со Бугарија е 100 денари, а ќе може да се набават и веднаш пред влезот на теренот, во комплексот „Куќа на фудбалот“ на ФФМ.

Се вчитува...