Младост Богданци дефинитивно отпадна, Супер-лигата со девет екипи

Ракометната Супер-лига на Македонија официјално стартува викендов, но истата наместо десет ќе брои само девет тима откако Младост Богданци поради финансиски проблеми го откажа учеството во елитното друштво. Поранешниот прволигаш со добрите игри во Првата лига се избори за камбек во елитата, но раководството на клубот сепак не успеа да обезбеди средства за тимот да биде дел од Супер-лигата.

Во изминатите два месеци беше предупредувано на ваква опасност, управата до последно се надеваше дека ќе најде нов инвеститор, се споменуваа и компании од Скопје, но сето тоа на крајот излезе „ветер и магла“. Денеска и официјално истекува рокот за пријавување на екипите во Ракометната Федерација на Македонија, а со оглед на фактот дека Младост не го пријави својот тим, повеќе од јасно е дека оваа екипа нема да се натпреварува во новата сезона.

Младост Богданци утре во рамките од првото коло требаше во Битола да му гостува на тимот на Работник, но овој меч ќе биде регистриран со службена победа на домаќниот тим, а сезоната дефинитивно ќе продолжи со девет екипи.

Се вчитува...