Многу грешки и пораз на Металург од Татран Прешов

Ракометарите на Металург загубија од Татран Прешов со 27-19 на гостувањето во Словачка, во претпоследното коло од регионалната СЕХА лига. По блескавото издание против Мешков Брест во претхониот меч, „металурзи“ во Прешов одиграа неефикасно, со многу грешки во нападот посебно во првото полувреме што на крај им го донесе десетиот пораз во СЕХА шампионатот во оваа сезона.

Двете екипи беа изедначени во првите десетина минути, во кои имаше повеќе грешки отколку голови. Татран Прешов одржуваше минимална предност, Металург бркаше резултат. Прв пат на два гола разлика, домаќините дојдоа во 12.минута кога Леон Вучко беше прецизен за 4-2. „Металурзи“ се мачеа со долги напади и тешко доаѓаа до реализација. Тоа им остави простор на ракометарите на Татран Прешов да ја зголемат разликата и во втората четвртина да влезат со водство од 7-3.

Неефикасноста беше голем проблем за Металург и во продолжението, што само им ја олеснуваше работата на избраниците на Славко Голужа со лесни голови да се одлепат да ја зголемуваат предноста. Во првите 25 минути од натпреварот во Прешов, Металург постигна само пет гола, Татран запиша двојно повеќе. На полувремето домаќините имаа водство од 12-8.

Во речиси идентично темпо почна и второто полувреме, Металург грешеше, а Татран Преѓов брзо постигна три гола во серија и за две минути дојде на 15-8. Ни во ситуација кога домаќините беа со двајца исклучени играчи, „металурзи“ беа без идеја во нападот и не успеаја да постигнат гол. За десет минути игра во второто полувреме, Татран Прешов веќе се одлепи на 19-11, а со оглед на бледото издание и млакиот отпор од Металург, тоа значеше и обезбедена победа во овој дуел. „Металурзи“  не се ни обидоа посериозно да се вратат во мечот, па последната четвртина беше комплетно во знакот на домашниот состав кој можеби и полесно од очекувањата стигна до убедлив триумф.

Во бледото издание на Металург најефикасни со по четири гола беа Филип Кузмановски и Амнте Томиќ.. По три гола постигнаа Халил Јагањац и Димитар Димитриоски. Нападот на Татран Прешов го предводеше Јакуб Хрстка со шест гола, а по пет погодоци постигнаа Томас Чип и Бруно Буторац.

Во завршниот настап во СЕХА лигата за оваа сезона, Металург на 18 март во Скопје го пречекува Целје.  Најдобрите четири екипи во регуларниот дел од сезоната (Вардар, Целје, ППД Загреб и Мешков Брест) ќе играат за титулата во СЕХА на Ф4 турнирот во Скопје (13-15 април).

Се вчитува...