Моќна изјава на Дани Алвеш: ПСЖ нема хемија, ме плаќаат повеќе од што вредам, а Нејмар е само дете

Фудбалерот на ПСЖ, Дани Алвеш во интервју за емисијата „Еспорте еспетакулар“ на бразилска телевизија, без влакна на јазикот проговори за преселбата во францускиот гигант, а успеа да ја разјасни и ситуацијата со Нејмар.

„Ниту еден пораз не е случаен. Од секој натпревар има што да се научи, па така и од поразот од Реал. Во такви моменти на виделина излегува се што не е во ред со тимот. Во ПСЖ нема хемија, тоа веднаш се одразува на теренот. Овој клуб се уште е во транзиција. Тоа е процес кој трае и во кој се случуваат секакви работи, па затоа е тешко да се создаде хармонија во соблекувалната“, вели Алвеш.

Бразилскиот десен бек смета дека ПСЖ му даде преголеми примања кога одлучи да ја напушти „старата дама“ изминатото лето.

„Дојдов во Париз поради проектот. Ми се допадна се што претставниците на клубот ми презентираа пред да одлучам да дојдам тука. Но, сепак ми се чини дека издвоија премногу средства за мојот ангажман, нивната цел беше да помогнам на тимот да го оствари тоа што го посакува, но сепак сумата која ја заработувам не одговара на мојата реална вредност“, додаде Алвеш.

Кога станува збор за парите, ПСЖ летото го руши трансфер рекордот за доведување на Нејмар од Барселона за вртоглави 222 милиони евра, а Дани смета дека врз него има преголем притисок од сите страни токму поради висината на ангажманот.

„Луѓето мислат дека Нејмар е марионета. Тој е се уште дете, има само 25 години. Се уште расте, се развива, нема созреано доволно за да знае како да се справува со одредени проблеми. Што помалку им дава важност на небитните работи, толку подобро за него. Нејмар мора да се посвети на нешто друго, само така ќе еволуира“, заврши Алвеш.

Се вчитува...