Мурињo ќе мора да продава, ако сака нови засилувања

Управата на Манчестер јунајтед го известила Жозе Мурињо дека ќе мора да продаде некои од фудбалерите ако сака во јануари да донесе нови засилувања. Според информациите пренесени во англиските медиуми, управата на клубот сака да ги контролира трошоците, пред да дозволи дополнителни издатоци за нови засилувања.

Мурињо за две години на „Олд Трафорд“ на засилувања потроши 285 милиони фунти. Финансиските извештаи објавени во септември покажуваат пораст на трошоците за плати во Манчестер јунајтед на 263,5 милиони фунти што е за 13,5 отсто повеќе.

Како финансиско промашување се посочуваат неколку фудбалери, пред се дефанзивецот Лук Шо, за кого во 2014 година беа одвоени 27 милиони фунти, но, тој се уште не почнал натпревар сезонава и медиумите веќе шпекулираат дека е на излезна врата. Поради повреди, но и поради лошата форма, последнава година Шо бил стартер само во четири премиерлигашки натпревари.

Неизвесно е и дали ќе остане и Маруан Фелаини. Неговиот договор истекува на крајот на сезоната и од јануари ќе може да преговара со други клубови.

Откако Мурињо го презеде Манчестер јунајтед,  во мај 2016 година, клубот го напуштиле 16 првотимци. Но, само продажбите на Мемфис Депај за 16 милиони фунти и на Морган Шнидерлин за 22 милиони фунти, на клубот му донеле малку поголем приход.

Од другата страна, Жозе Мурињо веќе испрати јавни забелешки дека е незадоволен од поддршката на „Олд Трафорд“ , а на директорот  Ед Вудворд му забележал дека англискиот великан не вложува доволно во тимот. Според британските медиуми, речиси е извесно дека Мурињо на крајот на сеозната си заминува од Манчестер, една година порано од истекот на договорот.

После 11 кола во Премиер лигата, Манчестер јунајтед е втор на табелата со осум бода помалку од градскиот ривал Манчестер сити на лидерската позиција.

Се вчитува...