Мурињо сака да биде како Фергусон

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, планира да остане на клупата на „црвените ѓаволи“ уште 15 години и да остави трага во клубот како легендарниот Алекс Фергусон.

Португалецот минатото лето стигна на „Олд Трафорд“ и веќе во првата сезона освои три трофеи со Манчестер јунајтед – Лига Европа, Лига Куп и Комјунити Шилд.

„Подготвен сум за таков предизвик, да бидам уште 15 години во Манчестер јунајтед. Сакам да останам толку. Зошто да не“ – изјави Мурињо за британските медиуми.

На клупата на Манчестер јунајтед, Мурињо дојде како наследник на неуспешните менаџери Дејвид Мојес и Луј ван Гал кои го водеа тимот по 27-годишната ера под водство на Алекс Фергусон.

„Кариерата на Алекс Фергусон е единствена. Мислам дека никој не може да ја достигне и да води еден ист клуб толку години, па дури ни да биде во иста лига. Последен со слична приказна е Арсен Венгер, но во модерниот фудбал тоа повеќе го нема. Ако имаш успех остануваш, ако не си одиш“ – вели Мурињо.

Се вчитува...