Мурињо троши 100 милиони евра за Бернардо Силва и за Мајкл Кин

Манчестер јунајтед е на прагот да ги оствари првите засилувања за новата сезона, откако ги договорија трансферите на Бернардо Силва од Монако и Мајкл Кин од Барнли за вкупно 100 милиони евра. За услугите на Бернардо Силва „ѓаволите“ издвојуваат 75 милиони евра, а младиот Португалец сонува да игра за голем клуб како што е Манчестер јунајтед, најавувајќи дека ова е неговата последна сезона во дресот на Монако. Силва вчера ја освои титулата во Франција со Монако, потврдувајќи ја круната со победа од 2-0 над Сент Етјен.

„Тука сум веќе три сезони, овој клуб ми даде многу, ми го остварија секој сон. Да освојувам трофеи, да играм европски фудбал, добрите партии ми заработија повик за репрезентацијата во текот на овие три години. Но, како секој играч кој сонува да игра за голем клуб, така и јас, се надевам во иднина ќе заиграм за некој од гигантите како што е Јунајтед“ -истакна Силва.

Монако се справува со масовно заминување на фудбалерите од клубот. Покрај една фантастична сезона, цела Европа ги посакува играчите на Монако, а меѓу најбараните Мбапе, Лемар, Фабињо, Бакајоко и други, Силва најверојатно ќе биде првиот кој ќе го напушти „кнежевството“.

„Ѓаволите“ повторно купуваат производ од нивната академија. Лани го вратија Погба, а откако Ван Гал го продаде Мајкл Кин на Барнли пред две години за 2,5 милиони евра, сега дефанзивецот се враќа назад на „Олд трафорд“, но за десет пати поголема сума. Раководството на Јунајтед издвојува 25 милиони евра за Анличанецот, кој пак е мета на повеќе англиски клубови. Него го посакуваат Арсенал и Ливерпул, но Јунајтед е фаворит за неговиот потпис.

Се вчитува...