Муслиу го реши Пелистер, шоу на Комити за 30.роденден (ВИДЕО)

Македонскиот шампион Вардар го доби дербито против Пелистер со 1-0 и го разубави јубилејот на „Комитите“, кои прославија 30 години од своето постоење. Стрелец на победничкиот гол беше Висар Муслиу во 65.минута, кога со удар со глава ја затресе мрежата на „пелистерци“.

Фелипе ја уфрли топката на вториот дирек, Дарко Велкоски ја врати во петерецот, а Муслиу ја закова во мрежата.

Во првиот дел, Николов ја пропушти првата шанса за Вардар, а потоа се заканија и Фелипе и Блажевски. На полувремето, Комитите направија вистински спектакл, кој продолжи и на почетокот на второто полувреме, па имаше прекин на играта. Западната трибина буквално гореше, а претходно и Некст Тајм ги испеаја своите познати хитови.

Во 65.минута Муслиу донесе водство, а потоа и Пелистер се отвори. Блажевски имаше убава шанса во 79.минута, во првиот обид Марко Јовановски одбрани, а потоа напаѓачот на Вардар ја погоди гредата.

На спротивната страна, Матеј Цветановски постигна гол кој беше поништен поради офсајд ситуација, а потоа и уште еднаш сериозно се закани кон голот на Игор Алексовски.

Вардар по овој триумф се наоѓа на втората позиција на табелата со 29 бода, додека Пелистер е на осмото место со 15 бода.

Се вчитува...